Дефанзивецот на Шпанија, Серхио Рамос, беше подготвен за прашањето поврзано за легендата на репрезентацијата на Аргентина, Диего Армандо Марадона, за кој кажа дека е светлосна година зад Лионел Меси.
Марадона неодамна изјави дека Рамос е еден од најдобрите дефанзивци во светот, но сепак истакна дека Уругваецот Диего Годин е дефанзивен феномен.
Капитенот на Реал Мадрид и репрезентацијата на Шпанија веднаш му одговори на Марадона, а го погоди токму во она што најмногу го боли – величината.
„Јас го почитувам Диего, тој беше гигант. Ми се чини дека е феномен, но сигурен сум дека Аргентинскиот народ е свесен дека Марадона е светлосна година зад најдобриот, а тоа е Лионел Меси“, изјави Рамос после победата на Шпанија над Иран.
Марадона, кој моментално е во Русија, каде работи како стручен советник за една аргентинска телевизиска куќа, сигурно многу бргу ќе се огласи.
Серхио Рамос исто така рече дека не размислува за противникот во следната фаза од натпреварувањето и дека целта на Шпанија е да го освои првото место во групата.
„Не размислувам за групата во која се наоѓаат Русија и Уругвај. Главна цел ни е да бидеме први во групата, како и начинот на кој играме. Ниту еден меч не е ист и секогаш има нешто ново“, додаде Рамос.
Шпанија после два натпревари има четири поени, а тие најпрво одиграа нерешено со Португалија (3:3), па потоа го совладаа Иран (1:0).