Основното јавно обвинителство Велес заедно со екипа на СВР Велес денеска продолжија со истрагата на терен во остатоците од изгорената куќа кај велешкиот рид Вршник, каде загинаа три малолетни деца од четири, две години и единаесет месеци.
Од вчера теренот кај изгорената куќа го обезбедува велешката полиција.
Гордана Тодорова в.д. јавен обвинител од ОЈО Велес изјави дека јавен обвинител утрово заминал на увид на терен. Првиот увид по настанот, како што рече, завршил доцна синоќа.
Ќе се врши подолго вештачење за да се утврдат причините за настанување на пожарот во кој животот го загубија три малолетни деца. Мислам дека денеска не ќе можеме да кажеме кои се причините за пожарот бидејќи очекувам вештачењето да трае подолго. Инаку денеска по наредба на ОЈО ќе биде извршена обдукција на телата на децата и нивна идентификација, бидејќи истите по пожарот се најдени јагленосани, појасни Тодорова.