41 пријавени кандидати за членови на ДИК
Поранешниот претседател на ДИК Борис Кондарко, советникот во Уставниот суд Југослав Миленковиќ и поранешните членови на Комисијата за лустрација Јанакие Витановски и Чедомир Дамјановски се најдоа на листата на 41 кандидат кои се пријавиле на огласот за нови членови на ДИК. Во документот до кој дојде Телма, меѓу пријавените е само еден поранешен член на ова тело, Ермира Асани Салија која беше единствената која не си поднесе оставка по скандалот со доделувањето на големи надоместоци.
СДСМ не ги открива имињата на своите адути. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека нивни предлози се Оливер Дерковски, поранешен директор на МЖ Транспорт и поранешната пратеничка Светлана Карапетрова. Алијансата за Албанците и БЕСА на Касами ќе предложат заеднички кандидат. Партиите ќе треба да се одлучат меѓу еден од тројцата пријавени, Агрон Меџити, Адмир Шабани и Берат Даути.
Се очекува кон крајот на месецот да биде закажана седница на собраниската комисија за прашања на избори и именувања која треба да го утврди предлогот кој од канидатите ги исполнува условите за да стане член на ДИК. Според договорот на политичките партии Претседателот и двајца членови на ДИК треба да бидат од опозицијата, а партиите на власт ќе предложат потпретседaтел и тројца членови.
Членовите на ДИК, Собранието ги избира со двотретинско мнозинство. Овој привремен состав на Комисијата со шест месечен мандат ќе треба да го организира најавениот референдум на есен. Се очекува по завршувањето на референдумот партиите повторно да седнат на заедничка маса и да ги договорат законските измени кои ќе се однесуваат на изборниот модел и ДИК која треба да биде целосно професионализирана.