Агенција за вработување: Отворени над 9000 позиции, Еве кои профили се најбарани
На јавниот портал на Агенцијата за вработување во моментов стојат отворени над 9.000 огласи.
Се бараат разни видови на профили на работници, со различен степен на образование, стручност, искуство и во разни стопански и нестопански дејности, од страна на компании кои се лоцирани во различни региони и општини во државата. Финансиски службеници, комерцијалисти, наставници, сметководители, но и возачи, келнери, шивачи, работници во производство, обезбедувачи се само дел од профилите на кадар за кој се објавени огласи од страна на македонските деловни и неделовни субјекти.
Сите овие огласи се јавни и видливи и секое заинтересирано лице може да ги види на веб страната на АВРМ – аврм.гов.мк што претставува исклучително корисна платформа преку која значително се овозможува доближување на понудата и побарувачката на работа.
На оваа веб страна постојано се ажурираат податоците и граѓаните преку неа може да се запознаат со сите слободни работни места за кои се распишани огласи од страна на компаниите за нивно пополнување и е добра можност за лицата кои се невработени или пак кои бараат работа детално да се запознаат со моменталната состојба на пазарот на труд и доколку ги исполнуваат предвидените услови да аплицираат на истите.