Електронска наплата на патарина за побрз проток на патници
Смарт-картичките за плаќање на наплатните рампи нема да се плаќаат, ќе можат да се надополнуваат преку интернет апликации, а ќе ги има на секој граничен премин, наплатна рампа или бензинска станица.
Еден месец пред почетокот на електронската наплата на надоместокот за патарина, од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека системот е подготвен да функционира на сите наплатни рампи на Коридорот 10.
Изградбата на рампата Романовце е целосно завршена, а системот е веќе инсталиран. На другите рампи на Коридорот 10, Петровец, Сопот, Отовица и Градско во завршна фаза се реконструкцијата и инсталирањето на системот за електронска наплата. Во прво време наплатата во готовина и со смарт- картичките ќе се одвива паралелно, но на различни ленти. За тие што ќе плаќаат во готовина ќе важат сегашните цени на патарина, а за оние што ќе плаќаат со картичка ќе има и попуст.