Одбележана годишнината од раѓањето на претседателот Борис Трајковски
Со полагање цвеќе пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски, денес беше одбележана 62-годишнината од неговото раѓање.
Пред членови на семејството Трајковски, граѓани, претставници на Советот на општина Струмица, институции, политички партии и здруженија говор одржа градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
– Претседателот Борис Трајковски сонуваше со отворени очи. Неговиот сон за просперитетна Македонија и за Македонија-членка на ЕУ и НАТО, беше сон поткрепен со силна верба во својата родна татковина. За жал, тој сон беше прекинат на 26. февруари 2004 година, кога во авионска несреќа во близина на Мостар згасна неговиот живот, животите на неговите соработници и членовите на екипажот. Македонија беше завиена во црно, останувајќи без својот претседател кој имаше само 48 години, истакна градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
Рецитаторите од Домот за деца и млади ги прочитаа творбите од наградниот литературен конкурс на тема „Сите заедно споделуваме една иста судбина наречена Македонија“ распишан од Библиотеката „Благој Јанков Мучесто“ од Струмица.
Вториот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, е роден на 25 јуни 1956 во селото Моноспитово. Тој е близнак со брат му Александар и е трето дете во семејството.
Од тројцата браќа Трајковски жив е само најстариот, Мојсеј.