Соединетите Американски Држави му го забранија влезот во земјата на поранешниот генерален секретар на НАТО и министер за надворешни работи на Шпанија, откако отпатувал во Иран, една од земјите која што се најде на „црната листа“ на претседателот Доналд Трамп.
Солана, кој што требало да одржи говор во Вашингтон бил одбиен во апликацијата за виза „поради посета на непријателска држава“. Инаку, Хавиер Солана последен пат го посетил Иран во 2013-та година кога имал состанок со иранскиот претседател Хасан Рухани.
Извори од американската амбасада во Мадрид не сакале да го коментираат конкретниот случај, но прецизирале дека американскиот електронски систем за авторизација на патувањата (ESTA), автоматски ги отфрла барањата на луѓето кои што посетиле било која од седумте земји погодени со забраната за патување во САД.
Како што пренесуваат шпанските медиуми, тие земји се Ирак, Сирија, Иран, Судан, Либија, Сомалија и Јемен.
Солана сепак негирал дека се случил таков инцидент и потврдил дека моментално е во процес на добивање на виза за патување во Соединетите Американски Држави. Солана инаку беше генерален секретар на НАТО од 1995-та до 1999-та година и го предводеше бомбардирањето на НАТО силите на Југославија во 1999-та година.
После НАТО бомбардирањата на Југославија и завршувањето на неговиот мандат на чело на Северноатлантската алијанса, Солана беше назначен за генерален секретар на Западно-европската унија, а потоа и за генерален секретар на Советот на Европската унија. Набрзо потоа, Хавиер Солана ја доби и функцијата Висок претставник за надворешна и безбедносна политика.