Ѓорѓе Иванов работи на директна штета на граѓаните, против Македонија и против македонската иднина, реагира СДСМ по одлуката на претседателот да не го потпише законот за ратификација на спогодбата со Грција.
„Во клучниот период кога земјава е пред шанса за добивање на датум за почеток на преговори за членство во ЕУ и пред шанса за добивање покана за влез во НАТО, Иванов продолжува со деструктивните политики со што нанесува штета на државата и граѓаните. Нема поголемо дело против државата и граѓаните од погрешното, деструктивно однесување на Иванов денеска, но и во изминатите години, кој освен одбрана на криминали, заштита на насилници не направи ништо за Република Македонија и нејзините граѓани“, се истакнува во соопштението на СДСМ.
Владејачката партија го повтори ставот дека постигнатиот Договор меѓу Македонија и Грција е патриотски чин, го заштитува и зацврстува македонскиот идентитет и обезбедува полноправно членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ.
„За иднината нема да одлучува деструктивниот Иванов, туку сите граѓани. На референдум, граѓаните слободно ќе ја искажат својата волја и ќе одлучат за македонската иднина. Граѓаните ќе кажат „да“ за македонската иднина“, смета СДСМ.