Погрешна боја на ѕидовите или непотребно парче мебел лесно можат да создадат хаос во помал простор, а дизајнерите имаат неколку совети како да се избегнат грешки при уредувањето на домот.
Избегнувајте темни бои
Темните бои во мали соби го затвораат просторот. Едноставно, не може ѕидовите, мебелот и тепихот да се темни. Одберете само едно нешто, на пример – тепихот, а ѕидовите нека бидат светло сини, зелени или сиви.
Мебелот мора да биде складен
Преголем кревет во малечка соба зафаќа премногу простор, а премал, пак, изгледа смешно. Потрудете се сето тоа да биде што попропорционално. И, немојте да го затрупувате просторот со мебел и дребулии. Одберете го она што ви е најпотребно. Додајте фотографии или билки кои ви се најдраги, но и тоа да не го задушува просторот.
Поинаков распоред
Без обѕир на тоа што најчесто мебелот се става до ѕидот, ова правило во помалите соби треба да се прекрши. Малку поголемо растојание меѓу креветот и ѕидот создава некакво чудно пријатно чувство на „длабочина“.
Завесите да бидат што поедноставни
Прозорците во мали соби би требало да бидат што повидливи, па не се препорачуваат тешки, густи ткаенини. Одберете проѕирни завеси во посветли тонови и едноставни текстури.
Слободно украсете ги ѕидовите
Украсите на ѕидовите не се резервирани само за големите соби. Ако на пример, ставите украсни лајсни на светлата боја на ѕидот, тоа повторно може да изгледа убаво.
Искористете го просторот
Не мора секогаш се да биде на подот. Вградете полици на ѕидовите или ормарчиња, кои може совршено да одговараат ако се изработени по мерка. Така ќе имате повеќе простор во самата соба оти ќе ги избегнете комодите и масичките со фиоки.