Се бара возачот на камионот во кој вчера загинаа двајца мигранти кај Радовиш, соопшти Основното јавно обвинителство Радовиш кое изврши увид на местото на сообраќајната несреќа.
„Издадена е наредба за преземање дејствија за пронаоѓање на лицето што управувало со возилото, наредба за сообраќајно-техничко вештачење на возилото, наредба за обдукција на двете починати лица, како и наредба за идентификација на другите мигранти. При увидот фиксирани се пронајдените траги, местото на настанот е скицирано и фотографирано, извршен е преглед на оштетувањата на возилото со кое се пренесувале миграните и подигнати се траги од биолошко потекло“, соопшти обвинителството.
Сообраќајната несреќа се случи вчера кога товарно возило од марката „ивеко“ со скопски регистарски таблички со кое илегално се превезувале 23 мигранти од Бангладеш и Шри Ланка, движејќи се на магистралниот пат А-4 во правец од Радовиш кон Штип, излетало од коловозната лента и со предниот дел удрило во метална ограда од надвозник. Од ударот металната ограда се скршила и го пробила возилото навлегувајќи и во товарниот простор од истото каде што биле сместени мигрантите, при тоа две лица починале, шест се здобиле со тешки телесни повреди, а 15 лица со телесни повреди. По несреќата, возачот на возилото се упатил во непознат правец.
По пружената медицинска помош, дел од лицата се сослушани и сместени во прифатниот центар во Гази Баба, а дел задржани на болничко лекување во ЈЗУ Клиничка болница Штип.