Затвореник моли да се врати зад решетки
48 годишниот тетовец Славчо Блажевски по отслужување на 24 годишна затворска казна во Идризово, сака да се врати зад решетки. Тој на слобода е пуштен на 22 февруари годинава со донесувањето на законот за амнестија но изминатите четири месеци поминал како што вели низ пекол. Нема никаков имот, нема семејство за да го згрижи, принуден е да спие под ведро небо, едвај се прехранува.
Вели дека започнал да работи, но поради здравствени проблеми од претпоставените бил известен дека морал да ја напушти работата. Се обратил до Центарот за социјални работи Тетово, од каде побарал социјална помош, но оттаму му одговориле дека мора да извади лична карта со место на живеење за да го оствари ова право.
Сега Блажевски е без пари и покрив над глава. Вели дека службите му понудиле да биде сместен во Центарот за бездомници во Чичино село. Но и за да биде згрижен во оваа установа мора да помине одредена процедура и период.
Од Центарот за социјални работи Тетово, се надеваат дека до средината на наредниот месец Блажевски ќе биде згрижен во Чичино Село. Оттаму велат дека мора да помине време, за да се извадат потребните документи дали лицето поседува некаков имот, и потоа официјално да се обратат до Центарот за бездомници.
Дотогаш Блажевски ќе живее под ведро небо со помошта од хуманите и надеж дека што поскоро ќе биде згрижен во рамки на институциите.
Извор: Телма