Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Траекторија“, „Тарифа“ и „Труст“.
Во „Траекторија“ осомничени се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор за државни патишта Љупчо Георгиевски, дека во 2012/2013 година ги пречекориле своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници до Штип и Охрид и нанеле штета на буџетот на државата од најмалку 155.117.172 евра.
На минатото рочиште за „Траекторија“ беа пуштени околу педесетина „бомби“ за договарањето со кинеските власти, „Ексим“ банка и компании околу изградбата на автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. За овој случај треба да се слушнат вкупно 315 „бомби“.
Снимените разговори што се пуштаа во судницата, а кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, ги изнесуваше обвинителката Лиле Стефановска од СЈО. На рочиштето се слушаа разговори од периодот околу јуни 2012 година, односно пред македонска делегација да замине за Кина.
Во една од „бомбите“ Јанакиески вели дека треба да се побрза, бидејќи како што кажува „ова со Кинезите ми е основната база за идните избори“.
Јанакиески во еден од разговорите со македонскиот амбасадор во Кина, му вели дека проблем со „Ексим“ банката е како долгот да не влезе во ставката буџетски дефицит, туку како долг.
На обвинителна клупа денеска треба да седнат и поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште две други лица, кои се обвинети во случајот „Тарифа“.
Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.
Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластување во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП Систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.
Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи судењето за случајот на СЈО „Труст“ во кој се обвинети бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирми за учество на тендер на Електрани на Македонија.
Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.
Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година.