Датумот за отпочнување на пристапни преговори за Македонија со Европската Унија е кристално јасен, а тој е условен и зборуваме за јуни 2019 година, кажа владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната пресконференција.
Вчера бевме сведоци како речиси сите министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ се залагаа за сите нас, граѓаните на Република Македонија. Одлуката целосна е јавна и транспарентна. Може да ја види кој било. Во неа јасно е наведено отворање на пристапни преговори во јуни 2019, наведено уште во првиот пасус, кажа Бошњаковски.
Европската унија покрај датум за почеток на преговорите од Македонија бара и видливи и одржливи реформи во судството, безбедносните структури и јавната администрација.
Станува збор за видливи и одржливи резултати кои мора да ги постигнеме како држава и ние веќе работиме на тоа. Во однос на реформите во судството, проактивни истраги, обвинителство и завршни одредби во корупциски и организирани криминални случаи, вклучувајќи ги и високите нивоа. Овде треба да имаме видливи резултати, односно процесите кои се во тек да имаат адекватна завршница, рече Бошњаковски.
Тој кажа дека во однос реформите на безбедносните служби веќе се почнати и интензивно се работи на планот 3-6-9 и дека тоа ќе резултира со отворање на Оперативно-техничка агенција (ОТА). Оваа агенција треба да врши следење на комуникациите. Владиниот портпарол кажа дека веќе работат и на реформи во администрацијата.
Треба да покажеме дека остануваме на реформскиот курс и дека нема од истиот да отстапиме до јуни 2019 година. Наскоро и јавно ќе го објавиме планот 18, кој веќе го најавивме и во него ќе ги има точно сите индикатори што точно треба да се работи. Ве уверуваме дека точно знаеме што треба да се работи, знаевме уште пред една година и работиме на тоа. Ова е препознато од цела ЕУ и вчера имаше министри кои се залагаа да го добиеме датумот кој го добивме и тоа една година по економското цунами, изолираност и затворена држава во која што живеевме без грам демократија и демократски процеси, рече Бошњаковски.