Со одбивањето на Алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење Ѓорге Иванов им го ускратува правото на граѓаните редовно, точно, објективно и транспарентно да бидат информирани за трошоците од неговото работење, смета СДСМ.
Според владејачката партија, Иванов со тоа покажува непочитување кон граѓаните.
„Очигледно за Иванов граѓаните не се важни и со одбивањето на Алатката за транспаретност крие за што ги троши нивните пари. Интересите на граѓаните и државата треба да бидат на прво место за секого. Владата предводена од СДСМ затоа и ја донесе оваа алатка за транспарентност и отчетност на трошоците кои ги прават владините функционери. Граѓаните имаат право на сите информации за трошењето на нивните пари, и тоа од страна на Владата ќе се спроведува и во иднина“, се вели во соопштението на СДСМ.
Заложбите за целосно и навремено информирање на граѓаните за трошењето на нивните пари, тврди владејачката партија, и понатаму ќе се спроведуваат.