Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на брифинг со новинарите рече дека следната недела, најверојатно на 5 јули, ќе биде одржана седница на која ќе се прегласува Законот за ратификација на договорот со Грција.
„Во понеделник ќе донесам решение за одржувањето на седницата“, рече Џафери.
Материјалите што ги добил од Иванов ќе им ги достави на пратениците и следната недела ќе биде одржана седницата, рече претседателот на Собранието.
„Иванов има суспензивно, а не апсолутно вето. Очекуваме Иванов и по вторпат да не го потпише законот. Тоа станува пракса“, рече првиот човек на законодавниот дом.
Тој е дециден дека Собранието, сепак, до крај мора да ги спроведе законите.
Џафери повторно апелираше до Иванов да го сфати значењето на политичкиот момент за државата.