Ја очекуваме и официјално поканата да станеме 30 членка на НАТО, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во седиштето на НАТО.
„Го видовме местото каде треба да биде подигнато нашето знаме како 30-та членка на Алијансата. Тоа го чекаме од 2008 година кога беше констатирано дека ги постигнавме стандардите. Оттогаш активно учествуваме на мисиите на НАТО за сузбивање на глобални терористички и ектремистички закани. Припадниците на АРМ добиваат доверба да бидат главни актери во сериозни безбедносни предизвици. Со мисиите растеа капацитетите на Армијата“, рече Заев.
Првиот човек на Владата додаде дека особено значајно место во владините политики има регионалната соработка.
„Договорот со Грција го откочи нашиот прием во Алијансата и нашата земја го добива местото што го заслужува. Со Грција изградивме пријателство. Со Бугарија остваривме договор што долго се одложуваше и ќе ја продлабочи економската соработка“, рече Заев.
Обраќајќи се кон граѓаните на Република Македонија Заев истакна дека чекор по чекор за една година нашата земја го постигнала она што никој не можел да го предвиди.
„Остануваат нашите домашни задачи, но сега имаме околу што да се обединиме на широкиот автопат и да кажеме „да“ заради нашата иднина, нашата држава и идните генерации. Искуствата велат дека земјите членки н НАТО се силни промотори на економскиот раст. Благодарност до Столтенберг и нашите сојузници кои се подготвени да ја имаат како 30 членка на НАТО нашата земја“, рече Заев.
Во врска со објавите дека Македонија ќе биде приморана да изгради бегалски кампови, во замена за интеграциите, Заев изјави дека Владата ги следи европските политики и никој не побарал такво нешто.
Столтенберг: Очекувам да добиете покана на Самитот, но нема влез без исполнување на договорот
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изрази очекување дека лидерите на земјите членки ќе ја поканат Македонија да ги започне разговорите за членство во Алијансата на Самитот што ќе се одржи на 11 и 12 јули.
„Вратата на НАТО е отворена, а вие сте на прагот“, изјави Столтенберг, поздравувајќи го договорот меѓу Македонија и Грција, кој го оцени како пример за соработка и огромно постигнување во односите меѓу двете земји.
Говорејќи за роковите, Столтенберг потенцира дека Македонија ќе стане членка на НАТО откако ќе се завршат сите обврски за договорот за името.
„Без исполнување на договорот, нема да можете да станете дел од НАТО“, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во седиштето на НАТО.