Намалувањето на висината на патните трошоци за пратениците следната недела е на второ читање пред Комисијата за политички систем.
25 пратеници на СДСМ предложија измена на надоместокот за користење возила во лична сопственост за службени цели. Наместо досега утврдените 30 проценти од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар на возилото кое се користи, пратениците ќе добиваат 20 проценти од продажната цена за еден литар гориво. Во предлог-измените пишува дека со тоа ќе се заштеди во Буџетот.
„Клучната причина поради која пратениците ги користат сопствените возила за службени цели е непостоењето на адекватен и соодветен јавен меѓуградски превоз автобуски и железнички, кој би ги задоволил и исполнил реалните барања и потреби“, пишува во предлогот.
Предлог -законот го помина првиот филтер во јануари годинава, а по пет месеци ќе го разгледуваат членовите на Комисијата за политички систем, по што треба да биде ставен на гласање.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, изјави дека по прифаќањето на овие законски измени, планираат да достават предлог за промена на формулацијата за исплата на надоместоците со приложување патен налог и фискални сметки со слип, односно со потврда од платени фискални сметки со кредитна или дебитна картичка.
Пратеничката група на ДУИ, пак, најави дека ќе бара целосно укинување на надоместокот за патни трошоци, но предлогот, барем засега не е официјално доставен за разгледување