Последните неколку дена се историска пресвртница за евроатланските интеграции на Република Македонија, која од Европскиот совет доби прецизна временска рамка за почеток на преговорите – јуни 2019 година – за полноправно членство во Европската унија, изјави денеска на прес-конференција вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.
– Со оваа одлука на ЕС добивме јасно признание за нашиот напредок од страна на ЕУ, всушност од сите земји-членки на ЕУ со што дефинитивно се затвора прашањето на европската иднина на Република Македонија, рече Османи искажувајќи подготвеност на Владата да одговори на процесите поврзани со одлуката.
До 17 јули Македонија треба да го формира преговарачкиот тим со ЕУ, кој ќе има политички и технички преговарач. Имајќи предвид колку долго Македонија ја очекуваше оваа одлука за датум за почеток на преговорите, според Османи нашата администрација е најподготвена да одговори на преговорите. Но, сепак тој посочува дека не смета дека сме апсолутно подготвени и дека станува збор за многу скап процес.
– До 17 јули кога се лансира скринингот ние веќе треба да имаме имиња. Се работи за главен политички преговарач и за технички преговарач. Во делот на политичкото преговарање СЕП останува главен координатор на целиот тој процес, кој во техничкиот дел ќе ја координира работата ќе одлучиме во наредните денови, рече Османи.
Политичкиот преговарач ќе ги координира министерствата, а техничкиот преговарач работните групи.
Најави дека наредните денови СЕП ќе ја соопшти целата структура на преговарање.
Османи најави континуитет во итните реформски приоритети, пред се, владеење на право, борба против организиран криминал и корупција, и како што посочува Советот, задржувајќи го и продлабочувајќи го досегашниот реформски момент.
– Ние сме целосно подготвени да одговориме на оваа агенда и овие предизвици, рече Османи наведувајќи имплементација на сите реформи, прд се во правосудството, безбедносните служби и јавна администрација.
Вицепремиерот кажа дека СЕП е во последната фаза на подготовка на Планот 18, кој што со вчерашниот план за преговори прераснува во план за преговори.
Македонија, потсети, тој треба да ги исполни и сите обврски од Договорот за спорот со името.
Османи ја поздрави и одлуката соопштена вчера за поканата за членство на Македонија во НАТО.
Овие евроинтеграциски процеси, според вицепремиерот, ќе придонесат и за позицитивно влијание на економските текови во земјата и за погфолем развој и раст.