Завршни зборови на судењето за обид за убиство на Села
На денешното рочиште во Кривичниот суд за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села за време на настаните во Собранието на 27 април минатата година, обвинителот Дарко Јакимовски и адвокатите на обвинетите треба да ги дадат завршните зборови.
На последното рочиште на Стојан Павлевски му беше изречени казна затвор од три години, а на Цејо Георгиевски една година и два месеци. Во казната на обвинетите им се пресметува и времето поминато во притвор. Павлевски и Георгиевски треба да ги намират сите трошоци.
Претседателката на Судечкиот совет Славица Андреевска на минатото рочиште кажа дека разликата во висината на казаните е поради тоа што Стојан Павлевски е првиот што влегува во Собранието и се насочил кон пратениците.
Павлевски по изрекувањето на пресудите пред Судот рече дека не очекувал толку висока казна и најави дека ќе ја обжали одлуката до повисокиот суд.
Обвинети Цејо Георгиевски и Стојан Павлевски ја признаа вината за делото. Двајцата во завршни зборови кажаа дека се покајуваат за стореното дело и дека немале намера никого да повредат.
Првично во овој случај беа обвинети десетмина, но Обвинителството пред да се започне со завршните зборови го повлече обвинението против Сашо Сенков, за кого обвинителот посочи дека нема доволно докази оти го сторил делото.
За обид за убиство на Села, според новиот обвинителен акт, обвинети се Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов.