Храната богата со масти и јаглехидрати посебно силно го стимулира центарот за наградување во мозокот, што може да доведе до прејадување со нездрави продукти, како што се брзата храна и слатките, покажа ново истражување.
„Веројатно под влијание на мајчиното млеко силно реагираме на храна богата со јаглехидрати и масти, па ја сметаме за посебно вкусна, бидејќи е клучна за преживување“, објаснува експерт.
Покрај во мајчиното млеко, во природата нема храна која истовремено е така богата со масти и јаглехидрати, велат научниците.
Тим на експерти покажа дека и мрсната храна и храната богата со јаглехидрати активираат во мозокот ослободување на допамин, хормон одговорен за чувство на задоволство, иако на различни начини.
Комбинацијата на масти и јаглехидрати го зголемува тој ефект на задоволство, потиснувајќи го чувството на ситост.
Тоа е причината поради која не можеме да прекинеме со јадење, дури и ако сме сити.
За да ја испитаат желбата кон различни видови на храна, научниците одбраа 40 доброволци кои ќе играат компјутерска игра, а наградата за победата во играта е храна. Храната понудена во компјутерската игра била богата со масти (сирење) или богата со јаглехидрати (пециво), или и двете.
За да дојдат до одредена храна, испитаниците мораа да се натпреваруваат со компјутерот. Научниците утврдија дека испитаниците многу повеќе се натпреваруваат за храна која е богата со масти и јаглехидрати.
Главниот заклучок од истражувањето е дека делот од мозокот во кој се наоѓа центарот за наградување, најсилно е стимулиран со храна која има висок процент на масти и јаглехидрати.