Во кривичниот суд во Скопје, на предлог на Специјалното јавно обвинителство, беа пуштени 10 необјавени бомби за предметот „Труст“. Најголемиот дел од разговорите се меѓу ексдиректорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.
Во еден од разговорите Чинговски и Божиновски се договараат како да ги задоволат и Сеад Кочан и Горан Иванов (Ѕинго), за добивање на тендер.
Кирил Божиновски на Чинговски му вели: „На Ибицата да му направиме филм дека ќе го добие Брод-Гнеотино“, на што Божиновски му одговара дека и двајцата нема да бидат задоволни.
Кирил Божиновски му вели на Чинговски да не биде Горан Иванов тој кој што би можел да биде извисен: „Да не е Дебелиот тој што ќе го зае*еме“.
Чинговски на Божиновски му објаснува дека машините на Сеад Кочан, кои му се под лизинг, може да му ги уважат за негови.
Во друг разговор, Божиновски му вели на Чинговски дека за да го добие тендерот требало да има 27 камиони, а тој имал само 20.
„Да не зборуваме за цени, може нѐ прислушуваат“, Чинговски го предупредува Божиновски.
Во разговор, Горан Иванов (Ѕинго), му вели на Чинговски дека останатите кои поднеле понуди не смеат да се жалат: „Кај смеат да се жалат? Ќе им ја е*еме мамата!“
Чинговски му одговара дека може да стигне жалба до комисијата бидејќи постапката е електронска.
„Вчера ги викнав и разговаравме, ама Дебелиот нема техничка опрема. Густо е“, му вели Чинговски на Божиновски, поради фактот што „имало проблеми со Ибицата и Дебелиот“ бидејќи немале финансиски извештаи.
„Ова е електронски. Не можиме да дадeме, да ставиме, да правиме…“, Чинговски му вели на Божиновски.
Меѓу разговорите има и такви во кои се слушаат гласовите на Силјан Мицевски, Коста Папастеревски. Овие бомби се последните дополнети докази на СЈО за предметот „Труст“, по што треба да бидат изречени завршните зборови и пресудата.
Во предметот „Труст“, Кочан и управители на фирми се обвинети дека со фалш документи учествувале на тендер на „Електрани на Македонија“ во вредност од 17 милиони евра.