Во Кривичен ќе се слушаат „бомбите“ за „Траекторија“ и „Тревник“
Во Кривичниот суд денеска ќе се одржат нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Траекторија” и „Тревник”, на кои треба да се слушаат прислушувани разговори, кои СЈО ги доставило како докази.
Во „Траекторија“ осомничени се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор за државни патишта Љупчо Георгиевски, дека во 2012/2013 година ги пречекориле своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници до Штип и Охрид и нанеле штета на буџетот на државата од најмалку 155 илјади евра.
На обвинителна клупа денеска треба да седнат и обвинетите во случајот „Тревник“, Драган Павловиќ – Латас, Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ.
Според обвинението, тие изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.
Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.
На минатото рочиште требаше да бидат преслушувани снимените разговори но, на барање на одбраната, тоа беше одложено со цел тие да ги издвојат снимките за кои ќе бараат исклучување на јавноста.
Судијката Марија Клетничка рече дека на денешното рочиште, Судот ќе одлучи кои разговорите ќе се пуштаат, а до тогаш обвинетите треба да достават барање кои „бомби“ сметаат дека не треба да ги слушне јавноста.