Во кривичниот суд во Скопје почна репродуцирањето на 137 бомби кои вкупно траат 9 часа на судскиот процес за случајот „Тревник“, во кој е осомничен Драган Павловиќ Латас за изградбата на три викенд-куќи во општина Зелениково.
Адвокатката на Латас побара јавноста да биде исклучена при пуштање на 2 бомби, поради, како што рече, заштита на приватниот интерес на нејзиниот клиент. Обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска се спротивстави на ваквото барање и предложи јавноста да биде исклучена само на почетокот на 2 бомби за заштита на приватноста на обвинетиот, а во останатиот дел јавноста ќе може да ги слуша бомбите.
Првиот разговор е од мај 2011 година во кој Латас, разговара со Злате Анастасов, управител на фирма. „Ние направивме пат, а газдата го нема”, на шега му вели Анастасов на Латас при обработката на земјиштето за изградба на пат. Латас му одговара дека очекува да почнат и втора и трета фаза.
„До 12 на полноќ ги качувавме машините, па луѓе се собраа…”, му раскажува Анастасов на Латас.
Латас бара СЈО да докаже автентичност на бомбите. Според него, беспредметно да се донесе пресуда врз основа на бомбите за што е предвидена казна затвор од најмалку 4 години.
Во случајот покрај Латас, се обвинети и неговите браќа Срѓан и Звездан Павловиќ. Според обвинението, тие изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.
Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и друга документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.
„Дајте 60 илјади бомби да слушаме за животот и делото на Латас“ рече адвокатката Бегова
Обвинителката Фатиме Фетаи ги искара обвинетиот Драган Павловиќ Латас и адвокатката дека не знаат во која фаза е постапката во предметот за бесправно изградените викендички во Зелениково.
„Не знаете во која фаза е постапката“, им рече Фетаи, откако претходно адвокатката на Латас, приговараше дека во пуштената бомба нема криминал, а Латас побара спецификација на примени разговори и потврдување на автентичноста.
„Дајте ни ги сите 60 илјади разговори кои ги имате за Латас, па да слушаме за неговиот живот и дело“, рече Бегова.
Обвинителката Јосифовска му рече дека предмет на обвинението не е животот и делото на Латас.
„Дојдов на судење, не на шоу”, дополни Бегова. Таа разговараше на висок тон со обвинителката. Следува пауза, по што судењето треба да продолжи.