Град Скопје во текот на летниот распуст ќе изврши целосна реконструкција на фасадите во средните училишта „Димитар Влахов“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Кочо Рацин“, „Никола Карев“, „Боро Петрушевски“, „Здравко Цветковски“, „Панче Арсовски“, „Сарај“, „Панче Караѓозов“ и „Михајло Пупин“, со цел истите да станат енергетски ефикасни, посочи градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Тој наведе дека во останатите средни училишта во Скопје ќе биде извршена целосна реконструкција на внатрешноста и замена на столаријата, онаму каде што е потребно.
– Целокупната вредност на зафатот изнесува над 60 милиони денари, средства што ги пренаменивме од криминалниот проект „Скопје 2014“ . Нашите приоритети се трошење за вистинските потреби на граѓаните, истакна Шилегов.
Градочанчалникот на Скопје информираше дека е при крај постапката за целосна реконструкција на средните училишта „Марија Кири-Склодовска“ и „Цветан Димов“.
– Градежните зафати што ги извршуваме, истовремено, ќе ги направат средните училишта достапни и за децата со посебни потреби. Во тоалетите ќе бидат изработени посебни делови наменети за тие деца. Бидејќи, секој во Скопје има право на еднаква шанса и секој има право на живот, нагласи Шилегов.
Запрашан, зошто не се изгради целосно нов објект на местото каде е сегашното СУГС „Кочо Рацин“, иако има потреба од тоа, градоначаникот на Град Скопје, потенцираше дека, од претходно се потрошени сите средства кои Градот Скопје можел да ги одвои за изградба на тоа ново училиште.
– Додека не направиме финансиска консолидација, сепак им овозможуваме на децата и на вработените во училиштето, со реализација на реконструкцијата „колку-толку“ да задржат едно достоинствено ниво и еден потребен стандард за непречено одвивање на наставата, одговори Шилегов, истакнувајќи дека откако ќе биде стабилизирана финансиската состојба во Градот, очекува оти заедно со Министерството за образование ќе се разгледува прашањето за целосно ново училиште.