Закани за пратениците што гласаа за договорот со Грција
Гласањето „За“ повлекува кривична одговорност, ќе предизвика немири во државата кои несомнено ќе предизвикаат предвремени избори на кои што веќе нема да бидете во Парламент и најверојатно ќе завршите во затвор. Пораката до пратениците на владеачкото мнозинство, спакувана во коверт стигнала утрово, неколку часови пред почетокот на втората седница за договорот со Грција.
Имало две варијанти на писмото, кое стигнало во пратеничката пошта. Во едната е доставена колумна од професорот Димитар Апасиев, во втората е посочено интервју со директор на ЦИА. Пред кревањето на рацете, пратениците треба да размислат, порачуваат засега непознатите кои се потпишале како НИЕ, македонскиот народ и како Здружение за борба и еманципација на жените. И двете здруженија не се регистрирани.
Испраќачите на писмото посочуваат дека пратениците задолжително пред гласање треба да се информираат за својот потег со читањето на колумната на Апасиев „Смртните правни пречки пораки кои таканаречениот преспански договор е клинички мртов“. Апсиев кратко ни одговори деке не е запознат со случајот, не е поврзан на никој начин и дека секој може да споделува негови колумни. Пратениците на мнозинството пак бараат одговорност при изразувањето на ставовите од страна на јавните личности.
Писмото кое е испратено е датирано на 27-ми јуни, десет дене по потпишувањето на договорот во Преспа и една седмица по првото гласање. Полицијата засега не одговори каква истрага е преземена.