Деталите на уругвајските дресови кренаа прашина на Светското првенство во Русија. Уругвајците играат во дресови на кои над грбот има четири ѕвезди.
Уругвај два пати биле светски прваци, во 1930 и во 1950 година, па од каде тогаш четири ѕвездички на нивните дресови, кога се знае дека тие означуваат број на освоени светски титули?
Проблемот мораше да го разјасни Фудбалскиот сојуз на Уругвај, а објаснувањето е едноставно – пред првото Светско првенство во 1930 година, најголем фудбалски турнир биле Олимписките игри; ФИФА до тогаш не успеала да го организира турнирот, но учествувала во организацијата на фудбалскиот турнир во рамки на ОИ. Најдобра репрезентација на ОИ во 1924 и 1928 година била Уругвај.
Затоа ФИФА му одобри на Уругвај да додаде уште две ѕвезди на дресот, па така Уругвајците се во друштво на четирикратните светски прваци Италија и Германија, со една ѕвездичка зад Бразил.
Аргентинците се во слична ситуација. Два пати биле светски прваци и два пати олимписки, но со оглед на тоа дека нивните олимписки злата се освоени во 2004 и 2008 година, ФИФА не ги смета.
ФИФА одлучи дека може да се сметаат само олимписките титули освоени пред првото Светско првенство.
Уругвајците на овој Мундијал имаат шанса за петта ѕвезда на дресот, со оглед на тоа дека се изборија за место во четвртфиналето. Тие играат против Франција утре од 16 часот.