Мицкоски побара амнестија за учесниците во настаните од 27 април
Мора да му дојде крајот на политичкиот реваншизам, бидејќи доста се делиме на наши и ваши, на Македонци и помалку Македонци и затоа апелирам дека е потребна амнестија за луѓето од 27 април, зашто мора да продолжиме напред. Но, нема напред ако живееме во минатото. Тоа е она што го бараме и за што ќе се залагаме, истакна претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешното обраќање по завршувањето на протестниот марш во Струмица.
Додаде дека ВМРО ДПМНЕ денес има пет пратеници кои се товарат за нешто што не го направиле, односно за тероризам. Тој рече дека не ги заборава и оние нивни браќа и сестри кои сега се по затворите и кои се дел од оваа инструирана политичка хајка насочена против секој слободномислечки Македонец.
– Јас ги живеам нивните судбини и не заборавајте дека сепак има невини луѓе во затворите зашто се воделе од чесна идеа и мисла и единствен мотив им била нивната татковина Република Македонија, додаде лидерот на ВМРО ДПМНЕ.
Протестниот марш на опозициската партија почна со полагање цвеќе пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот македонски претседател, Борис Трајковски. Продолжи по улицата на струмичкото корзо до зградата на Собранието на општина Струмица, каде на присутните им се обрати лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој своето полчасовно обраќање го почна со наратив од поетот и писател Петре М. Андреевски при што рече дека историјата е отворен процес кој постојано се допишува.
– Во Македонија имаме паралелни светови – едниот е власта, а другиот е народот опкружен со сиромаштија и очај и доведуваат токму до тоа што се посакува во овој момент, удар вез самодовербата на нашиот народ и нашата земја. Тоа го посакуваат овие луѓе да ви се случи – да бидете неодлучни, да бидете потчинети, зашто кога ќе ви речат „Северномакедонци“, да речете дека е добро, иако можело поинаку, истакна претседателот на ВМРО ДПМНЕ.
Тој се осврна и на потпишаниот Договор со Грција. При тоа рече дека премиерот Зоран Заев го виделе како на грчка телевизија се трудел да допре до грчките националисти, правдајќи се дека имал добар договор, ама тој бил добар по грчки терк.
Мицкоски се осврна и на актуелната економска состојба. При тоа рече дека власта не исполнила голем дел од предизборните ветувања, а на два пати потенцираше дека на последните избори народот ја казнил поранешната власт, но дека не гласал за поголема сиромаштија и дека, како што рече, државата пропаѓа.
– Земјоделството е една од водечките дејности во Струмичко, но тоа крахира. Земјоделството никогаш не било во полоша состојба отколку што е сега. Ја нема зелената нафта која се ветуваше, но затоа пак акцизата за горивото ја зголемија, а од утре дури не очекува рекордна цена на горивата во Република Македонија, рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.
Додаде дека ги нема ветувањата за намалување на ДДВ на сточната храна, ветените премии за осигурување за земјоделците, а биле избришани и средствата за елементарни непогоди за 2016 година.
На крајот, Мицкоски истакна дека партијата има нова програма и визија, во кој тој цврсто верувал и ќе се залагал за политика базирана на одговорност.
Денешниот протестен марш се одржа на денот на формирањето на ОК ВМРО ДПМНЕ во Струмица пред 28 години.