Во бурниот месец кој е зад нас шпанската репрезентација смени двајца селектори а сега и трет доаѓа на клупата на некогашниот светски шампион. Поранешниот тренер на Барселона, Луис Енрике, е изборот за нов селектор на Шпанија.
Пред почетокот на Светското првенство во Русија отпуштен беше Хулен Лопетеги, со објаснување дека зад грбот на Федерацијата преговарал за преземање на клупата на Реал Мадрид. На неговото место дојде Фернандо Јеро, со кого Шпанија ја помина групата и испадна од Русија во осминафиналето од Мундијалот.
Задачата на Луис Енрике ќе биде тешка – да ја направи полесна транзицијата низ која поминува шпанската репрезентација. Кике Санчез Флорес и Мичел исто така беа помеѓу кандидатите за заменик на Јеро, но изборот сепак падна на Луис Енрике, кој во Барселона докажа дека знае добро да се снајде со играчи од највисок калибар и постави авторитет во моменти кога тимот на Барселона поминуваше низ криза на идентитетот.
Новиот состав на шпанската репрезентација налага дека Енрике нема да ги има на располагање огромен број од играчите од шампионската генерација и наместо нив ќе мора да биде внесена свежа крв со имињата на Коке, Саул, Марко Асенсио и Кепа Аризабалага.