Мајката и бебето претепани од роднини на сопругот, докторите не виделе такво ѕверство

Мајката и бебето претепани од роднини на сопругот,  докторите не виделе такво ѕверство

Едногодишно женско дете, безмалку уште бебе, со сериозни повреди на главата и по телото се бори за живот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), откако завчера лекарска помош за него и за себе побарала мајката, и таа повредена.

Детето има скршеници на двете нозе, крвавење во мозокот и скршеница на челната коска. Се претпоставува дека и претходно било малтретирано, бидејќи скршениците на нозете се стари две до три недели.

„Детето има крвавење во мозокот и стари фрактури за кои денеска ќе одлучиме дали да се оперираат. Сме имале пациенти повредени во сообраќајни несреќи, сме имале деца случајно згазени, но вака тепано дете ние на КАРИЛ досега не сме виделе“, ни изјави Маја Мојсовска, директорка на оваа клиника.

Претепаната жена и нејзиното бебе најверојатно биле претепани од неколку роднини на нејзиниот сопруг кој моментално е во затвор, дознаваме од полициски извори. Откако сопругот заминал на издржување на затворската казна, жената останала да живее кај неговите роднини.

По неколку месеци таа си заминала од кај нив и отишла да живее на друго место, каде што се криела сѐ до завчера кога роднините на сопругот ги пронашле и ги претепале.

Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) се очекува информација дали семејството или мајката се познати на социјалните служби и дали досега било забележано занемарување или насилство врз ова и евентуално други деца.

Пред два месеца, од УНИЦЕФ предупредија дека тепањето деца во Македонија е сериозен проблем. Според нивната статистика, секое второ дете во државава добива ќотек.

Бројките од МВР покажуваат дека од 903 кривични дела на семејно насилство минатата година, во кои се евидентирани 976 жртви, жените се поголем дел или речиси две третини од регистрираните жртви. Евидентирани се над 90 деца жртви на семејно насилство.

Треба да знаете
Последни објави