Кристијано Роналдо се наоѓа пред потпис на четиригодишен договор со италијанскиот првак Јувентус, гласи денешната ударна вест на угледен спортски портал.
Клучни денови
Британска телевизиска куќа, тврди дека следните 48 часа се клучни за расплетот на овој спектакуларен трансфер.
Шпанските и италијанските медиуми, пишуваат за тоа дека Кристијано Роналдо прифатил четиригодишен договор, според кој тој ќе зема плата од 30 милиони евра по сезона. Од друга страна, Реал Мадрид добил понуда за неговите услуги од 100 милиони евра.
Дали Перез ќе го исполни договорот?
Сепак, како што пренесуваат и самите медиуми во Шпанија, за реализација на трансферот се чека последниот збор на Флорентино Перез. Претседателот на Реал, наводно ветил дека ќе го исполни договорот со Кристијано Роналдо, според кој ќе му дозволи да си замине.
Но, ветувањето не е правно обврзувачки, па останува отворено прашањето дали лидерот на европскиот великан ќе ја прифати или одбие понудата на Јувентус.
„Ако го напушти Реал Мадрид, Кристијано Роналдо вечно ќе му биде благодарен на клубот, како и на претседателот, медицинскиот персонал, но и на сите навивачи на Реал ширум светот“, порача Жорж Мендеш, агентот на Роналдо.
Донација на крв како потврда за трансферот?
Според последните информации, Кристијано Роналдо потпишал официјална соработка со Хуманитарна италијанска организација за давање на крв, па со ова станува уште поизвесно дека иднината на Португалецот е во Јувентус.