Спасувачите го извлекоа и тренерот од пештерата во Тајланд. Тренерот и 12 деца беа заглавени во пештерата од 23 јуни кога влегле во неа после тренинг.
Во пештерата засега сѐ уште се еден лекар и тројца припадници на морнаричките нуркачи.
Спасувачката операција траеше три дена, и секој ден досега беа извлекувани по четири момчиња.
Во третиот ден од операцијата во пештерата влегоа 19 спасувачи. На еден искусен нуркач за пристап до местото на кое се наоѓаат децата и враќање назад, му беа потребни 11 часа. Рутата е долга неколку километри и минува низ матна застоена вода, тесни канали, скали и други препреки. На некои места видливоста во водата е речиси нула.
Денеска се објавени и информации за состојбата на децата кои беа спасени во изминатите два дена. Првите четири спасени деца побарале да јадат традиционално тајландско јадење со босилек, но докторите им рекле дека нивните дигестивни системи не можат да се справат со толку пржен оброк. Тајландскиот министер за здравство денеска изјави дека децата што беа вчера спасени побарале леб со еурокрем, и оти барањето им било исполнето.
Докторите кои ги лекуваат спасените момчиња соопштија дека телесната температура на првите четири момчиња кои беа спасени била многу ниска и постои сомневање дека две од нив имаат воспаление на белите дробови и примаат антибиотици.
Во меѓувреме, тајландските момчиња, на возраст меѓу 11 и 16 години, и нивниот тренер, се поканети од страна на ФИФА на финалето на Светското првенство. Но, тие веројатно сѐ уште ќе бидат во изолација и натпреварот ќе го гледаат на телевизија.