Уапсени и во притвор двајца од тројцата напаѓачи на починатиот Саздо
Двајца од тројцата момчиња кои го нападнаа Никола Саздовски, на 29-ти минатиот месец, при што му предизвикаа смртоносни повреди, се уапсени и им е одредена мерка притвор, велат од Министерството за внатрешни работи.
Откако медиумите ја пренесоа веста дека Никола им подлегнал на повредите, од МВР ја потсетуваат јавноста дека случајот е експресно расчистен.
„Имено, Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје. На 29.06.2018 година околу 17,30 часот во Скопје на автобуска постојка на булевар „Александар Македонски“ пријавените физички го нападнале Н.С., по што тој бил пренесен во Клинички центар “Мајка Тереза“ Скопје. По преземени мерки, од страна на полициски службеници, прво и второпријавениот се лишени од слобода и одредена им е мерка притвор. Целокупниот доказен материјал е предаден на надлежното јавно обвинителство и овој случај е во надлежност на ОЈО Скопје“, велат од полицијата.