Ердоган му даде на зетот министерско место во владата

 Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган синоќа ги објави имињата на членовите на неговиот нов Kабинет во кој има 16, за разлика од досегашните 23 министри.

 

Тоа е еден од најважните елементи на новиот систем на државно управување во Турција во кој Ердоган има овластување да ги назначува и разрешува министрите.

Ердоган во новата Влада задржа само четворица од претходните министри, назначи две жени и го укина Министерството за европски прашања.

За министер за финансии го назначи својот зет Берат Албајрак, кој досега беше министер за енергетиката и природни ресурси.

Тројца министри ги задржуваат функциите – Мевљут Чавушоглу останува министер за надворешни работи, Сулејман Сојлу повторно е министер за внатрешни работи, а непроменет е и министерот за правда Абдулхамит Ѓул.

Досегашниот началник на генералштабот Хулуси Акар ќе биде нов министер за одбрана.

За првпат на чело на Министерството за трговија ќе застане жена – Рухсар Пекџан, а втората жена во новата Влада е министерката за семејни прашања Зехра Зумрут Селчук, во чие Министерство се спои и Министерството за труд и социјална политика.

Министер за култура и туризам ќе биде Мехмет Ерсој, за енергетика и природни ресурси ќе биде Фатих Донмез, за здравство Фахретин Коџа, за образование Зија Селчук, за транспорт и инфраструктура Мехмет Џахит Туран, за животна средина и урбанизам Мурат Курум.

Треба да знаете
Последни објави