Потпишани договори за 98 проекти за развој на руралните средини

Потпишани договори за 98 проекти за развој на руралните средини

Во Владата беа потпишани договори за имплементација на 98 нови проекти за развој на планските региони, на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби. Проектите се финансирани од Буџетот на државата, конкретно од Програмите за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа и на Бирото за регионален развој, во вкупна вредност од 280 милиони денари. Корисници на средствата и имплементатори на проектите се општините и Центрите за развој на планските региони.

– Владата за 2018 година, средствата за рамномерен регионален развој ги зголеми за над 50 отсто и 4.5 милиони евра оваа година ќе бидат вложени во проекти кои што ги предложија општините и планските региони врз основа на нивните приоритети. Главно станува збор за инфраструктурни проекти или проектна документација за поголеми проекти, со цел да можат да се обезбедат дополнителни средства и од донаторски извори или од ИПА Програмата на Европската Унија – рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

Министерот за локална самоуправа истакна дека во соработка меѓу двете нивоа на власт, централното и локалното, во фокусот се реалните потреби на граѓаните.

– Владата е определена уште посилно да го стимулира рамномерниот регионален развој, преку континуирано зголемување на ресурсите за таа намена. Исто така, од носителите на политиката на регионално ниво очекувам процесот на идентификација на приоритетните проекти и идеи да биде транспарентен, иновативен и инклузивен, преку редовно спроведување на консултации со граѓаните и со бизнис заедницата – рече министерот Фазлиу.

Од вкупните средства, за проекти за развој на планските региони се издвоени 196 милиони денари. Најмногу средства за најмалку развиениот, Североисточниот, а најмалку за нај развиениот, за Скопскиот плански регион. Проектите за развој на подрачјата со специфични развојни потреби се финансирани со 56 милиони денари, а проектите за развој на селата со 28 милиони денари.

Од име на корисниците на средствата зборуваше градоначалникот на општина Гази Баба и претседател на Скопскиот плански регион, Борис Георгиевски, кој истакна дека и на планските региони и на општините им се особено значајни овие средства, пред се затоа што при распределбата се води сметка за принципот на рамномерност во развојот.

– Во изминатиот период селата беа целосно заборавени. Сега акцентот го ставаме на руралните подрачја и подобрување на квалитетот на живеење за сите граѓани, а особено таму каде што е најпотребно, во подрачјата со специфични развојни потреби и во селата – рече градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.

Заменикот министер Дејан Павлески ги повика градоначалниците на поефикасно искористување на средствата, на транспарентен начин. Тој истакна дека во иднина ќе се работи не само на зголемување на ресурсите за рамномерен регионален развој туку и на решавање на прашањата преку иновативни проекти.

Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, се заблагодари за соработката со градоначалниците и изрази очекување дека и во наредната година ќе аплицираат со квалитетни проекти кои што ќе го поттикнат развојот на општините и на планските региони и ќе им отворат нови перспективи на граѓаните.

Треба да знаете
Последни објави