Далиќ: Го запревме Меси, можеме и Кејн

Селекторот на Хрватската фудбалска репрезентација, Златко Далиќ, не се плаши од најдобриот играч на Англија, феноменалниот Хари Кејн.

 

Двете селекции ќе играат во среда, во рамките на полуфиналето од Светското првенство, а главниот адут на „Гордиот Албион“, ќе биде токму капитенот.

„Кејн е прв стрелец, не е лесно да се запре. Но, имаме врвни дефанзивци. Успеавме да спречиме играчи како Лионел Меси и Кристијан Ериксен, се надевам дека можеме истото да го сториме и со Кејн“, изјави Далиќ.

Далиќ своето внимание не го посветува на потенцијалните недостатоци на Англија, кои овие денови се истакнуваат во јавноста, како што е жестоко критикуваниот напаѓач Рахим Стерлинг, кој нема постигнато гол за репрезентацијата речиси три години.

„Не би рекол дека постојат некои очигледни слабости. Тие се во полуфинале, тоа доволно зборува. Во досегашниот дел од првенството демонстрираа дека играат директен, брз фудбал. Одлични се од прекини, имаат високи играчи кои се опасни при корнери. Сметам дека Стерлинг е значаен играч, бидејќи е многу брз, а во комбинација со Кејн е исклучително опасен“, вели селекторот на Хрватска.

Златко Далиќ истакна дека неговиот тим до среда, уште подетално ќе ја анализира играта на Англичаните.

„Тие се изборија со Шведска релативно лесно, знаеме дека се тежок противник, ги почитуваме. Но веруваме во својата сила, не се плашиме од Англија“, заклучи Далиќ.

Додека Англија до полуфинале стигна со победите над Колумбија на пенали и Шведска со 2:0, Хрватите двата нокаут меча досега ги решија по пеналите, прво против Данска, па потоа и против домаќинот Русија.

Треба да знаете
Последни објави