Грција протерува двајца руски дипломати поради мешање во Договорот со Македонија

 Грчките власти одлучија да протераат двајца руски дипломати од државата поради наводно мешање во постигнувањето на Договорот меѓу Атина и Скопје за новото има на Македонија. Москва одговори дека ќе прогласи персона-нон-грата двајца грчки дипломати како одговор на таквата одлука на Атина. 

 

Според грчки весник  властите во Атина ќе им забранат влез во таа држава на двајца руски дипломати за кои укажуваат дека имале активности што не се соодветни за нивниот дипломатски статус.

Грчката Влада соопшти дека „Грција нема да толерира ништо што го крши меѓународното право“.

– Грција сака добри односи со сите држави, но сите тие треба да ја почитуваат нашата држава. Не можеме да прифатиме какво било однесување што го нарушува меѓународното право. Поради тоа Грција ќе преземе неопходни мерки, изјави грчкиот портпарол Димитрис Цанакопулос.

Владата донела одлука за протерување двајца руски дипломати и да им забрани влез во Грција на други двајца кои ги обвинува за мешање во внатрешните работи на државата и незаконски дејствија против националната безбедност на Грција.

Заменикот шеф на Комитетот на Советот на федерацијата на Русија за меѓународни односи Андреј Климов изјави дека основен принцип на дипломатијата е реципроцитетот.

– Принципот на реципроцитет се применува во такви случаи без исклучок. Тоа е основен принцип во дипломатијата, изјави тој.

Според него, без таков одговор Русија нема да биде во можност да зачува безбедност за своите вработени.

Климов вели дека Русија никогаш не гледала на Грција како на свој сојузник и партнер во Европа.

– Самиот факт дека се во НАТО зборува се, изјави тој за руски медиуми.

Атина ги обвинува руските дипломати и дека се обидувале да добијат незаконски информации и да поткупат грчки државни службеници.

Според високи грчки дипломатски извори, Атина повикува на итно протерување на двајца руски дипломати, меѓу кои и Виктор Јаковлев од руската Амбасада.

Истите извори нагласуваат дека тоа се случува по многубројните координирани напори за проширување на руското влијание во Грција.

Според изворите, за парична награда, руските дипломати са обидувале да го придобијат влијанието на митрополитите во грчката православна хиерархија, на Света Гора.

 

Треба да знаете
Последни објави