Дваесет и деветте лидери од Северноатланскиот совет денеска, на првиот ден од Самитот на НАТО во Брисел, ќе постигнат согласност да и испратат на Македонија покана за почеток на преговори за членство.
Ова го порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за време на вчерашната прес-конференција на која ги подвлече темите кои ќе бидат денеска и утре на лидерската маса.
Очекувам дека по историскиот договор постигнат минатиот месец за спорот со името, ќе го поканиме Скопје да почне со преговори за членство. Кога договорот ќе биде финализиран и имплементиран, ќе можеме да ја поканиме Поранешната Југословенска Република Македонија да стане 30 членка на НАТО под нејзиното ново име – Република Северна Македонија. Ова е сигнал дека портата на НАТО е и ќе остане отворена, истакна Столтенберг.
Потоа, НАТО ќе го чека исходот од референдумот за Преспанскиот договор закажан за септември или октомври. Доколку тој биде успешен и Договорот прифатен од граѓаните на Македонија, НАТО ќе го чека завршувањето на целата процедура за ратификација на Договорот.
Алијансата не очекува било каква блокада на оваа процедура на испраќање на поканата, особено откако Грција ја крена својата рампа пред македонското членство. Висок дипломатски извор во НАТО категорично тврди дека воопшто немало никаков сигнал од САД дека Вашингтон би го сменил пристапот за да си ги подобри односите со Русија.
Американската амбасадорка во НАТО Кеј Бејли Хачинсон вчера потврди дека САД сака да ја види Македонија како членка на Алијансата, но порача дека за тоа е неопходно граѓаните да го потврдат Договорот со Грција на референдум.
Извор од НАТО, исто така, изјави дека Македонија не може да се зачлени доколку пропадне референдумот.
Ако не се комплетираат процедурите, не очекуваме консензус за ратификација на членството, договорот вклучува заокружување на процедурите за да се потврди дека е спроведен, вели изворот.
Високи дипломатски извори во НАТО објаснуваат дека Македонија и земјите кандидатки треба да се договорат за пристапен план во Алијансата кој содржи два елемента.
Низ истите процедури минале и сите претходни земји кандидатки за да се зачленат, велат изворите од НАТО.
Првиот елемент се однесува на генералните услови применливи на секоја земја кандидат. Од една страна тука се реформите кои се бараат од сите земји, а од друга се финанските обврски на земјата кон буџетот на Алијансата. Вториот елемент се реформите специфични за земјата кандидат.
Овие реформи се дискутираат со земјата, потоа земјата ни дава план за имплементација, по што следува пристапниот протокол, кој треба да го потпишат и ратификуваат сите земји членки, објаснува долгодишен дипломат во НАТО.
Во Брисел денеска пристигнува македонскиот премиер Зоран Заев придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. Премиерот ќе има обраќање на конференцијата „NATO-engages” што се одржува на маргините на Самитот, а потоа е поканет на вечерата на сите 55 лидери на земји членки и земји партнери кои учествуваат на Самитот.
Во текот на вториот ден од Самитот, во раните попладневни часови, е предвидена церемонија со која ќе се означи поканата за Македонија, а се очекува и заедничка прес-конференција на првиот човек на НАТО Столтенберг и премиерот Заев.
Инаку, лидерите на НАТО, Самитот ќе го посветат пред се на буџетот на Алијансата и инвестициите на земјите членки во заедничката каса за одбрана, но и улогата на НАТО во борба против тероризмот и одговорот на НАТО сојузниците на сајбер заканите.
Столтенбер вчера изјави дека проценките за трошоците во 2018 година се охрабрувачки и оти секоја земја членка, во споредба со 2014 година, ги зголемила расходите за одбраната.
Седум европски земји издвојуваат два процента од Бруто домашниот приход за одбраната, рече Столтенберг, свесен дека оваа бројка земји нема да одговори на барањата на американскиот претседател Доналд Трамп кој од сите сојузници го бара истиот процент.
Трамп по Твитер испрати предупредување до сојузниците – „САД трошат многу повеќе за заштита од било која друга земја. Тоа не е фер за американскиот даночен обврзник, напиша Трамп.
Столтенберг вчера призна дека споделувањето на товарот не е еднаков и додаде дека може да се случи на Самитот да има жестока лидерска дебата на оваа тема.
Сите 29 земји членки се обврзаа дека ќе посветат два отсто од БДП за одбрана најдоцна до 2024 година. Четири земји, САД, Велика Британија, Грција и Естонија тоа веќе го прават, а четири други, Литванија, Летонија, Полска и Романија ќе стасаат до овој процент на крајот на годинава. Франција засега издвојува 1,8 проценти, а до крајот 2025 година планира да достигне два процента за одбрана.
Незадоволството на Трамп е пред се насочено кон големите земји како Германија. Најголемата европска економија троши 1,4 отсто од БНП. На ова ниво се уште 15 земји.
Напредок има, но патот е долг и треба да се дуплираат напорите, рече Столтенберг и додаде дека сојузниците не треба да го прават тоа за да им се допаднат на Американците, туку затоа што е во нивен интерес. Неопходно е затоа што живееме во непредвидлив свет, рече првиот човек на НАТО.