Италијанските медиуми пренесуваат дека по Кристијано Роналдо, уште еден играч на Реал ова лето може да се пресели во Торино.
Јувентус го објави трансферот за кој уште долго ќе се зборува, бидејќи во своите редови го донесе Кристијано Роналдо.
Црно-белите од Торино се презадоволни од доаѓањето на најдобриот играч на светот, но се чини дека тоа не е се.
Италијанските медиуми пренесуваат дека Јувентус не заврши со купување во Мадрид, бидејќи покрај Португалецот, сега сакаaт да доведат уште еден играч на Реал.
Станува збор за Марсело. Иако се свесни дека Бразилецот има договор со актуелниот шампион на Европа до 2022 година, тие не се откажуваат од оваа идеја, бидејќи наводно силно сакаат да го спојат со Роналдо во Италија.
Јувентус се уште официјално нема испратено понуда до Реал Мадрид, бидејќи за трансферот на Бразилецот сепак мораат да ги средат работите во своите редови.
Ќе се обидат да го доведат само ако успеат да го продадат Алекс Сандро, кој се наоѓа на мета на неколку големи клубови.
Токму Роналдо би требало да биде клучната фигура во овој трансфер, бидејќи тој и Бразилецот се во одлични односи.
Она што може да биде добро за Јуве, е фактот дека Марсело изрази желба да замине од Реал и да ја промени средината, после 11 години поминати во Мадрид.
Тој во Мадрид пристигна во 2007 година, а до денеска запиша 230 настапи и освои 20 титули, вклучувајќи и четири пехари во Лигата на шампионите, како и ист број на титули првак на Шпанија.