Меѓународната фудбалска организација (ФИФА), објави дека после 3.000 земени примероци, на Светското првенство во Русија, ниту еден играч не користел допинг.
Од ФИФА соопштија дека пред почетокот на Мундијалот земале 2.761 примероци, како и 621 примерок во текот на самиот турнир, поточно дека станува збор за најголемиот број на допинг тестови во историјата на Светските првенства.
„Тестирањата се направени така што, проверени се сите биолошки пасоши на секој спортист, кои го контролираат хематолошкиот модул преку крвта, како и стероидичкиот модул преку урината. Независни експерти ги контролираа податоците на играчите, за да внимаваат на потенцијални девијации, кои би упатувале на користење на недозволени средства. Овој систем се однесуваше на сите играчи кои учествуваа на Светското првенство“, објави ФИФА.
Сите овие примероци ќе бидат чувани во наредните 10 години, за да бидат достапни за дополнителни тестирања, а во просек, секој играч од почетокот оваа година е тестиран околу четири пати, додека некои играчи се тестирани дури и осум пати.