Тунелот под Кале експресно ќе ги поврзе Чаир и Бутел со центарот
По 15 години пауза, Градот Скопје ја оживува идејата за изработка на проект за продолжување на булеварот Св. Климент Охридски од владината зграда до раскрсницата со булеварите Никола Карев и Македонско – Косовска бригада.
Овој капитален проект за главниот град би значел изградба на нов мост на реката Вардар и тунел од околу 180 метри под Музејот на современа уметност, со што трајно би се надминал проблемот за експресно поврзување на општините Чаир и Бутел со центарот на Скопје.
Кале е дел од нацрт-верзијата на Деталниот урбанистички план за локалитетот Тетовска трошарина, како продолжение на булеварот “Свети Климент Охридски”, усвоен од страна на Советот на општина Центар. Тунелот постои во генералните урбанистички планови за Град Скопје уште од 1965 година, а потоа е потврден и во плановите од 1985 и 2002 година. Тој ќе има олеснителна функција во однос на сообраќајниот метеж.
– Ова практично ќе претставува продолжение на булеварот “Св. Климент Охридски”. Булеварот ќе поминува покрај левата страна на зградата на Владата каде моментално има паркинг. Потоа сообраќајницата ќе поминува преку Вардар за што ќе се изградат мостови и со тунели ќе влегува под Калето. Нивната изградба нема да ги наруши археолошките ископини на површината на тврдината, бидејќи копањето ќе биде многу подолу – објасни Шилегов.
Земјиштето под Калето е меко бидејќи се работи за седиментна карпа, која лесно може да се пробие и поради тоа, сметаат експертите, нема да има поголем проблем во изградбата. Експертите велат дека ова ќе биде улица која ќе биде основа на примарната сообраќајна мрежа во Скопје.
Идејата за тунел под Кале и пробивање на булеварот “Св. Климент Охридски” постои уште во 1955 година. Главната придобивка од реализацијата на проектот е растоварување на целиот сообраќај кој минува преку Бит-пазар, а особено метежот на крстосницата кај Судска палата, каде што е проценето дека дневно поминуваат и над 86.000 возила.