Прославата што е најавена за утре во повеќе градови низ Македонија, во врска со врачувањето на поканата Македонија да почеток на преговори за членство во НАТО, за премиерот Зоран Заев е многу вредна и има за цел да се одбележи децениската аспирација на РМ.
– Одлучивме музиката да ја донесеме кај граѓаните, а не со автобуси да ги носиме граѓаните да прославуваат. Секако секој има право да има свој став, рече премиерот.
Тој појасни дека прославата се организира со одлука на Влада, концептот значи децентрализација, различна и квалитетна музика во многу градови, богата културна програма.
Впрочем целата програма, според Заев, е колку две театарски престави што ги финансира државата.
-Трошоците се од буџетот, појасни премиерот, а вклучуваат ставки за бина, озвучување, осветлување, надомест за музичарите, промоција…
Заев најави дека службите за односи со јавност веднаш ќе ја објават висината на трошоците откако ќе ги имаат целосните информации од сите субјекти кои се вклучени во настанот, кој, како што напомена, е поддржан и од локалните власти на овие 15 градови, пред се, со организациска и логистичка помош.
Премиерот апелираше до опозицијата да престане да сее омраза пред демократското мнозинство во Македонија.
– Македонија заслужи да прослави, затоа ја повикувам опозицијата да им честита на граѓаните и да престане да врши притисок врз музичарите кои на најтранспрентен и чесен начин учествуваат во прославата. Опозицијата треба да се одважи да ја поддржи македонската иднина и да се откаже од сеење омраза, затоа што дури и музичарите и групите низ Македонија се граѓани кои ќе го соопштат својот став на самиот референдум, порача премиерот.