Заев: Некои членови на „Комити“ добивале пари од руски бизнисмени за да протестираат
Во коментар на тврдењата дека руски бизнисмени ги потпалувале протестите во Македонија премиерот упати на добиените извештаи по разговорите во полицијата со дел од учесниците.
– Зборувам од тоа што го слушам во извештаите што ги добиваме. Знаете тие млади момчиња „комити“ кога нападнаа полицајци беа повикани во полицијата на исказ, па спомнуваа бизнисмени од Русија дека давале пари, заради тоа се тука и оти немаат ништо против или слично – рече Заев.
Македонија, дополни, е мала земја и сака да гради пријателство со сите, вклучително и со Руската федерација.
– Мора уште еднаш да потврдиме нема алтернатива за Република Македонија освен рамноправно членство во ЕУ и НАТО. Од тој аспект секогаш ќе бидеме со доза на внимание и навистина нема да дозволиме да се поминат меѓународните договори, декларации, резолуции, применети во Македонија во делот на таквиот однос, заради тоа што дигнитетот на државата е многу важен. Како што ние го почитуваме насекаде во светот, така сакаме да биде почитувани и овде во Македонија – изјави Заев.
Дали МВР има сознание и ќе покрене истрага во врска со изјавата на премиерот Заев дека проруски бизнисмени од Грција плаќале за насилство во пресрет на референдумот, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека не мисли да води истрага за тоа преку медиумите.
– Што било да имаме и какви било информации да имаме што се однесуваат на сензитивни прашања, ниту ќе можеме, ниту смееме, ниту, пак, е потребно тоа да го водиме преку медиумите и како истрага да ја спроведуваме преку медиумите. Треба да знаете дека во секој момент кога ќе имаме што било да соопштиме, што е во фаза на можност да биде соопштено, тоа ќе го направиме – рече Спасовски.