Владата пратила предлог до Собранието за измени во изборниот закон со кои бара составот на Државната изборна комисија да се бира со апсолутно наместо со двотретинско мнозинство.
Владата бара измените да се гласаат по скратена постапка. Опозицијата не се согласува со овој предлог.
Пред еден месец беше објавен оглас за нови членови на ДИК. Поранешните членови на Комисијата дадоа оставки по скандалот околу огромните исплати на паушали. По ова, партиите се договорија новиот состав на ДИК да биде избран според старото законско решение, односно претседателот и двајца членови на ДИК ќе бидат на предлог на опозицијата, а потпретседателот и тројца членови ќе бидат на предлог на владејачкото мнозинство. Мандатот на овие членови ќе биде до шест месеци.