Рускиот бизнисмен Иван Савидис демантира каква било вмешаност во протестите против договорот за името во Скопје и негира дека платил 300.000 евра на македонски политичари и навивачи.
„Јасно ставаме до знаење дека бизнисменот Иван Савидис нема ништо со она што се споменува во лажниот и крајно клеветнички текст. Во следните часови, искористувајќи ги сите правни средства, ќе поднесеме тужба против медиумот, како и до авторите на оваа неоснована објава, пишува во соопштението на групацијата компании на Савидис .
Вчера се објави дека според документи од македонското министерство за внатрешни работи, рускиот бизнисмен Савидис, кој живее во Грција, платил 300.000 евра на македонски политичари, членови на новоформирани националистички организации и навивачи на Вардар. Савидис беше во фокусот на светската јавност откако во март на натпревар на грчкиот шампионат незадоволен од резултатот на својот тим ПАОК влета на теренот со пиштол и им се закани на судиите. По ова, Савидис доби забрана за влегување на стадион во следните три години и доби казна од 100.000 евра.
Премиерот Зоран Заев рече дека проруски грчки бизнисмени им плаќале на Македонци од 13 до 21 000 долари за да предизвикаат насилни протести пред клучниот референдум за името.
Потоа, појаснувајќи ја ваквата изјава, Заев од Скопје рече дека членовите на навивачката група „Комити“ кои беа приведени во јуни за време на протестите против договорот со Грција пред Собранието, во полициска станица рекле дека руски бизнисмени давале пари и затоа тие излегле на улица.
„Тие млади момчиња од ‘Комити’ кога нападнаа полицајци беа повикани во полиција на исказ, па споменуваа дека бизнисмени од Русија давале пари, дека заради тоа тие се тука, дека тие немаат ништо против или слично“, рече Заев.
Руската амбасада во Скопје ги оценија ваквите изјави на Заев како политички неодговорни.
„Изјавата на Заев ја става под прашање искреноста на заложбите на Владата на Македонија за градење добри односи со Русија. Со жалење констатираме дека русофобијата сè повеќе станува алатка во надворешната, а и во внатрешната политика, се вели во реакцијата на руската амбасада во земјата, објавена на нивниот официјален профил на социјална мрежа.