Градоначалникот на Ново Село останува уште 30 дена во притвор
Основното јавно обвинителство од Струмица поднесе обвинение против градоначалникот на општина Ново Село Боро Стојчев за криумчарење цигари. Освен за Стојчев обвинение е поднесено и за останатите четири лица кои минатата недела беа приведени во полициската акција кај селото Бадилен. Заедно со обвинението струмичкото обвинителство од судот за Стојчев и за уште три лица бара продолжување на мерката притвор. Во писменото известување од обвинителството стои дека предлогот за продолжување на притворот е поради исполнетите законски услови.
Обвинетите се товарат дека на 10 јули годинава , заеднички како соизвршители, избегнувајќи ја царинската контрола се занимавале со нелегално пренесување на цигари. Како што информираат од обвинителството по претходен меѓусебен договор, двајца од обвинетите во с. Ново Коњарево во две теренски возила натовариле 66 картонски кутии во кои имало 32.980 кутии цигари во вредност од над три милиони денари. Заедно со уште двајца обвинети со возилата се упатиле по полскиот пат кон с. Бадилен и продолжиле кон граничниот појас помеѓу Македонија и Бугарија. Таму петтиот обвинет имал задача да го надгледува теренот за да извести за евентуално присуство на полицијата. Биле откриени и фатени откако пристигнале на местото Попина Чука на два километри од македонско бугарската граница.
Пред два дена СДСМ преку соопштение информираше дека Боро Стојчев е разрешен од местото претседател на општинската организација во Ново Село. Мешу другото во известувањето беше наведено дека во редовите на партијата нема место за злоупотреби и дека законот важи за сите граѓани на Република Македонија, а секое негово непочитување подлежи на законски санкции.
Во меѓувреме од Општина Ново Село нема никакви информации дали и кој го заменува градоначалникот додека тој е отсутен.