Уставниот суд на Грција го отфрли барањето за суспендирање на Договорот од Преспа
Уставниот суд на Грција го отфрли барањето на грчката „Федерација на културните здруженија на Македонците” и „Пан-Македонските асоцијации на Македонците од дијаспората”, за суспендирање на Договорот од Преспа, додека пак барањето за поништување на Договорот, ќе се разгледува на почетокот на декември, јави дописничката на МИА од Атина.
Според судиите, во случај Договорот да не стапи во сила, во целина или секоја од одредбите посебно, тогаш нема да обврзува никоја од страните на кој било начин.
Во однос на писмата од Атина испратени до НАТО и ЕУ, за кои организациите тврдат дека ќе го доведат грчкиот Парламент пред свршен чин, судиите објаснуваат дека од никаде не произлегува дека конкретните процеси ќе завршат пред Договорот да стапи во сила.
Како што веќе објави МИА, грчките оргнизации, на крајот од минатиот месец, ги доставија нивните барања до Уставниот суд бидејќи, сметаат дека Договорот го крши грчкиот Устав и „води до распаѓање на Грција по брза постапка“.
– Договорот го прекршува член 27 од Уставот според кој пред да се потпише потребно е претходно гласање во Парламентот и тоа со зголемено мнозинство, бидејќи вклучува промена на географски термини (регионот на Македонија во конкретниот случај), пишуваат од организациите во барањето, а во друга точка велат дека бил прекршен Уставот бидејќи Договорот бил потпишан и покрај „противењето на грчкиот народ за било какво отстапување на името, без одржување референдум.