Министерката за правда, Рената Дескоска, денеска се сретна со амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, Томас Герберих, придружуван од Штефан Пирнер, раководител на проектот за Македонија при Германската фондација за меѓународна правна соработка.
Итните реформи и препораките од извештајот на Прибе беа во фокусот на денешната средба, и во таа насока Дескоска потенцираше дека и во самиот извештај е нотирано да се следат одредени контури на германскиот правосуден систем, а особено во делот на квалитативното оценување на судиите, за разлика од домашниот систем, кој содржи бројни елементи за квантитативно оценување на судиите.
Роковите содржани во акциониот план од Стратегијата за реформи во правосудството не беа изоставени како тема на состанокот, и во таа насока министерката Дескоска истакна дека го задржува принципот на работа што го имала во претходното министерство, и најави процес на консултации со сите засегнати страни за сите закони кои Министерството за правда ќе ги менува во наредниот период.
Дескоска се заблагодари на амбасадорот на СР Германија за понудената помош и безрезервната поддршка што неговата земја ја нуди и дава во процесот на евроинтеграција на нашата држава.