Играчите одлучија: Калиниќ ќе добие медал од Светското првенство

Додека цела Хрватска со денови се тресе од прослави за успехот на 22-цата играчи од репрезентацијата на Светското првенство во Русија, многумина се прашуваат каде е 23-от играч од списокот на селекторот Златко Далиќ.

 

Никола Калиниќ замина од Русија по првиот натпревар на хрватската репрезентација со Нигерија откако одби да влезе на терен жалејќи се на болки во грбот и дека не добива доволно минутажа.

Далиќ не сакаше да има во тимот играч кој може да ја наруши тимската атмосфера и му ја покажа вратата.

Откако Хрватска се избори за влез во финалето на СП 2018 и потоа го освои второто место, многумина се интересираа дали Калиниќ ќе добие сребрен медал од репрезентацијата од која беше избркан.

Фудбалскиот сојуз на Хрватска рече дека за тоа ќе одлучат неговите соиграчи и одлуката е донесена.

„Избркан е малку пресилен збор, тој со одлука на селекторот беше исклучен од составот и тоа на крај се покажа како добра одлука. Во врска со медалот, она што го знам е дека Никола Калиниќ со одлука на соиграчите и стручниот штаб ќе го добие својот медал“, рече Томислав Пачак, портпарол на Сојузот.

Треба да знаете
Последни објави