Никола Калиниќ реши да не го прифати сребрениот медал кој го освои Хрватска на СП во Русија, откако претходно фудбалерите и стручниот тим на „коцкестите“ решија да му го дадат медалот и покрај тоа што тој беше „пратен“ дома по одбивањето да влезе во игра како замена во последните минути од првиот меч против Нигерија.Напаѓачот на Милан ја одбил понудата да го добие медалот со кратка изјава: „Благодарам, но јас не играв во Русија“.
Калиниќ и на пријателскиот меч со Бразил во Ливерпул пред Мундијалот одби да влезе во игра како замена велејќи дека има болки во грбот. Селекторот Златко Далиќ изјави дека по три понудени шанси за кам-бек, Калиниќ одбил да биде дел од тимот.
Околу иднината на 30-годишниот напаѓач на Милан има многу шпекулации, во прв план дека Атлетико Мадрид сака да го купи за да биде соиграч со колегата од репрезентацијата, Шиме Врсаљко.