Претседателот на Владата, Зоран Заев присуствуваше на традиционалната манифестација во Мостар, на којашто имаше свое обраќање како минатогодишен добитник на наградата „Мостарска повелба за мир“, за промоција на соработката, градењето мостови и поврзување меѓу луѓето во својата земја, Македонија, регионот и светот.
Заев им честита на овогодинешните добитници на наградата, премиерот на Грција, Алексис Ципрас и на Црна Гора, Душко Марковиќ. Посочи дека успесите на Македонија се должат на неговото храбро лидерство, но и на пријателската соработка во регионот и принципиелната поставеност на меѓународната заедница што резултираше со покана за пристапни преговори на нашата држава во НАТО и најава за датум за преговори со ЕУ во јуни 2019 година.
„Промовираме како еден лидер може, треба и мора да се издигне над предрасудите, и самиот да стане мост, поврзувајќи се со други лидери кои им мислат добро на своите граѓани. Никој сам не опстојал и сам не успеал. Човек на човек му е потребен, сосед на сосед, држава на држава. Тоа е светот, мотивирачки, охрабрувачки различности во едно, коишто се надополнуваат и на тој начин се развиваат и придонесуваат за развојот на другиот. Ние, лидерите од регионот го направивме ова за што зборувам. Се поврзавме меѓусебно, покажавме достоинствена почит едни за други, завртевме грб на она што нè дели и го дофативме она што нè поврзува“, рече Заев во обраќањето пред присутните.
Тој додаде дека ако регионот е стабилен и Европа ќе биде стабилна, безбедна и развиена. Првиот човек на Владата додаде дека по ланското освојување на оваа нагрда а чуствува одговорност и верба дека вреди да се градат мостови и да се развиваат пријателства.
„По мирната разврска на политичката криза, ние сме посветени кон должноста Владата да биде сервис на граѓаните и да ги реализира промените што ги избраа граѓаните. Резултатот на тие промени се повисок животен стандард, економски просперитет, членство во Европската унија и на НАТО“, истакна Заев.
Настанот што се реализираше во повеќе делови од Мостар, го одбележа богатство од различни етно елементи низ носии, храна, песни, меѓу коишто можеше да се слушнат и македонски песни.